На 26ти Август 2019, со почеток во 11:00 часот во просториите на Општина Дојран се одржа првата средба, која го означи почетокот на проектот „Подобрување на биодиверзитетот на Дојранското Езеро преку соработка со сите општествени чинители и спроведување на екосистемски практики“

Овој проект е финансиран од Партнерскиот фонд за заштита на критичните екосистеми (ЦЕПФ) и ќе биде во времетрање од 24 месеци, со почеток од 1ви јули 2019 до 1ви јули 2021 година.

Проектот се спроведува од страна на Милиеуконтакт Македонија, во партнерство со Општина Дојран и ЗГ „Полимат 13“ од Богданци.

На средбата присуствуваа градоначалникот на Општина Дојран, вработени од Општина Дојран, проектниот тим на Милиеуконтакт Македонија, претставници од бизнис секторот и други засегнати чинители.

На оваа средба накратко беше презентиран проектот, односно главната цел која предвидува воспоставување на одржливо управување со Споменикот на природата Дојранско Езеро, преку активности за директна конзервација на дефинирани локации, и подобрување на заштитата на загрозените видови. Овој проект ќе пристапи кон решавање на прашањата околу квалитетот на водата на Дојранското езеро, обемот и текот на водата, како и нарушувањето на видовите и живеалиштата.

Проектот преку реализација на предвидените активности очекува резултати во делот на подобрено раководење со зоната на управување со сливното подрачје, како и одржливо управување, конзервација и обновување на езерото преку екосистемски практики.

SHARE